Пост ковид депресија
Депресијата воопшто како состојба може да се нарече дека е ‘болест на 21 век’ бидејќи зема се поголем замав и се повеќе млади личности се борат со различни степени на депресија која често не е изолирана како самостојна состојба туку е придружена и со симптоми на анксиозност.
Пандемијата на КОВИД-19 предизвика многу силни ефекти врз менталното здравје кај луѓето на глобално ниво. Во првата година од пандемијата, статистиките според Светската здравствена организација покажуваат дека преваленцата на анксиозноста и депресијата се зголемени за 25%. Од почетокот на пандемијата па до сега пријавени се психопатолошки последици за време на акутната инфекција со вирусот, но и во постковид периодот кај пациентите. Во акутните фази на инфекцијата најчести психолошки потешкотии кои се забележани се конфузија, делириум, депресија, анксиозност и пореметувања во спиењето. Во периодот по прележување на SARS-CoV-2, долгорочните невропсихијатриски последици се главни симтоми на пост-акутниот КОВИД 19 синдром. Клинички значајна депресивна психопатологија била пријавена кај 30-40% пациенти дури и по една година од прележување на инфекцијата.
И преегзистирачката депресија и депресивните симптоми поврзани со КОВИД-19 инфекцијата делувале врз исходот од самата SARS-CoV-2 инфекција, и биле поврзани со хоспитализација, престој во интензивна нега и морталитет.
Кои се главните знаци и симптоми на постковид депресијата?
Досегашните истражувања покажале дека преку 50% од пациентите инфицирани со SARS-CoV-2 вирусот покажале одредени симптоми на депресија, а една четвртина од нив се сметаат за клинички сигнификантни.
Со користење на прашалници за самоевалуација се дојдени до следните резултати, меѓу кои се наведени најчестите симптоми и знаци на депресија кај постковид пациентите.
- Чувство на тага, беспомошност, празнина
- Социјална и емоционална изолација
- Губење на интересирањето и на задоволството за активности за кои претходно биле заинтересирани
- Намалување на вниманието и концентрацијата
- Намалување на самодовербата
- Чувство на беспомошност
- Песимистичен поглед кон иднината/ не гледаат поента во оздравувањето
- Преголем страв од повторно инфицирање со КОВИД 19 или обратно, воопшто не се штити од вирусот заради тоа што ‘нема поента’.
- Пореметување на сонот
- Преголем внес на храна или обратно, многу мал внес на храна.
Како се третира постковид депресијата?
Третманот на постковид депресијата се состои од медикаментозен третман, но неретко е потребна и дополнителна психолошка поддршка.
Што можеш ти да направиш доколку се справуваш со постковид депресија?
Без разлика дали е дијагностицирана постковид депресијата или не, потребно е да се превземаат одредени активности кои ќе помогнат во подобрување на менталната состојба на личноста.
Еве неколку совети и препораки што би можеле да преземете:
1. Одржувајте социјални контакти- една од причините за депресивната состојба е и изолацијата дома, па затоа излегувајте почесто со пријателите.
2. Креирајте нови рутини- на пример станувајте и легнувајте во исто време, чутајте книга, јадете посвежа храна.
3. Одржувајте физичка активност- многу истражувања покажале дека физичката активност позитивно влијае врз подобрување на психичката состојба. Пандемијата на КОВИД 19 може да ја опишеме како ‘совршена бура’ на стресори и ризик фактори кои придонесуваат за развој на депресија кај општата популација. Па затоа, доколку препознаете некои од симтомите и знаците кај вас или некој ваш близок, немојте да се двоумите да побарате стручна помош од психијатар и/или психолог.