Што претставува деменција?
Со поимот деменција се опишуваат збир од знаци/симптоми што се предизвикани од нарушувања што го засегаат мозокот. Деменцијата влијае на размислувањето, однесувањето и способноста да се извршуваат секојдневните работи.
Функцијата на мозокот е доволно засегната за тоа да има влијае врз нормалниот општествен или работен живот на лицето. Обележје на деменцијата е неспособноста да се вршат секојдневните активности како последица на намалените спознајни способности. Лекарите утврдуваат постоење на деменција ако се значително оштетени две или повеќе спознајни функции. Во спознајни функции спаѓаат: помнењето, способноста за говор, разбирањето на информациите, способноста за снаоѓање во просторот, расудувањето и сосредоточеноста.
Ризик фактори за деменција:
- губење на слухот по 40-тата година
- хипертензија
- обезност
- пушење
- депресија
- социјална изолираност
- физичка неактивност
- дијабет во подоцнежните години
- прекумерно консумирање на алкохол
- повреди на главата
Форми на деменција
Најчестите форми на деменција се:
1. Алцхајмерова болест
Алцхајмеровата болест (Alzheimer’s disease) е најчестата форма на деменција и се јавува во околу две третини од случаите. Таа предизвикува постепено опаѓање на спознајните способности, а често почнува со губење на помнењето. Алцхајмероватa болест се одликува со две ненормални појави во мозокот – амилоидни наслаги и неврофибриларни сплетови. Наслагите се ненормални купчиња од еден протеин што се вика бета амилоид. Сплетовите се врзопи од извиткани влакна составени од еден протеин што се вика тау. Наслагите и сплетовите ја прекинуваат врската меѓу нервните клетки и доведуваат до нивно изумирање.
2. Васкуларна деменција
Деменцијата на крвните садови (васкуларна деменција) е нарушување на спознајните способности причинето од оштетување на крвните садови во мозокот. Може да биде причинета од еден единствен мозочен удар или од неколку мозочни удари што се случиле во текот на одреден временски период. Постоењето на деменција на крвните садови медицински се утврдува кога постои доказ за заболување на крвните садови во мозокот и кога спознајните способности се нарушени толку што влијаат врз секојдневниот живот. Знаците на деменција на крвните садови може да се појават одеднаш по претрпен мозочен удар, или може да почнат да се појавуваат постепено како што се влошува заболувањето на крвните садови. Знаците може да бидат различни во зависност од местоположбата и големината на оштетувањето на мозокот. Овој вид на деменција може да влијае само на една или на неколку специфични спознајни функции. Деменцијата на крвните садови може да личи на Алцхајмеровата болест, а прилично често се јавува и мешавина од Алцхајмерова болест и деменција на крвните садови.
3. Фронтотемпорална деменција
Фронтотемпорална деменција е термин за група на мозочни нарушувања кои првенствено влијаат на фронталниот и темпоралниот лобус на мозокот. Овие области на мозокот главно се поврзани со личноста, однесувањето и јазикот. Оваа болест се јавува во раните години од 55 до 65 години и подеднакво ги погодува и мажите и жените. Апстрактното размислување и вниманието се нарушени, одговорите се неорганизирани. Ориентацијата е зачувана, но меморијата е оштетена.
Дали се работи за деменција?
Има поголем број здравствени состојби што даваат знаци слични на деменцијата. Тие состојби честопати може да се лекуваат. Во нив спаѓаат состојбите на недостиг на некои витамини и хормони, депресијата, дејствата од некои лекови, инфекции и тумори на мозокот. Од основна важност е ова заболување да се утврди медицински во раната фаза кога првпат ќе се појават знаците за да се осигури дека на лицето што има некоја здравствена состојба што може да се лекува ќе му биде утврдена таквата состојба и дека правилно ќе се лекува. Ако знаците се предизвикани од деменција, раното утврдување на заболувањето ќе значи и ран пристап до поддршка, информации и лекови.
Кои се раните знаци за деменција?
Раните знаци на деменција може да бидат многу не забележливи, не јасни и може да не бидат веднаш очигледни. Во некои од честите знаци може да спаѓаат:
- Често губење на сеќавањето што постепено сè повеќе се влошува
- Збунетост и загубеност
- Промена на личноста
- Незаинтересираност за околината и повлекување во себе
- Губење на способноста за извршување на секојдневните работи
Како може да се одложи и превенира?
- Koнтрола на крвен притисок
- Контрола на гликемија
- Контрола на телесна тежина
- Здрава исхрана
- Физичка активност
- Избегнување на алкохол и цигари
- Грижа за сопственото ментално и физичко здравје
- Социјална активност
Како може да се помогне?
Установено е дека некои лекови ( инхибитори на ацетилхолинестераза, NMDA антагонисти.. ) може да ја успорат прогресијата на болеста. Постои и нефармаколошка терапија ( музикотерапија, ликовна терапија, когнитивна терапија) која исто така може да биде од голема помош.
Поддршката е од основна важност за луѓето со деменција, а помошта од семејствата, пријателите и негувателите може да придонесе полесно справување со оваа состојба.