Малиген меланом
Меланома, односно малиген меланом е карцином на кожата кој настанува како резултат промена во меланоцитите кои се одговорни за продукција на меланин – пигмент кој е одговорен за бојата на кожата. Иако точната причина за настанување на сите меланоми не е позната, се смета дека долготрајната изложеност на ултравиолетова радијација од сончевите зраци, ламби или други извори на истите се примарен ризик фактор.
Меланом може да се развие на било кој дел од кожата, но примарните жаришта се тесно поврзани со места кои најчесто се изложени на сонце ( раце, дланки, нокти, подколеници, лице…). Иако бенигните невуси (бемки) се поврзани со примарно место на настанување на меланомите, се смета дека често пати меланомите настануваат и на кожа со нормален изглед.
На глобално ниво, најголем број на инциденца и морталитет од меланома се пријавени во Австралија и Нов Зеланд т.е земји со наголема изложеност на сончеви зраци. Како најчести ризик фактори (покрај изложеност на УВ сраци) за настанување на меланома се вбројуваат:
◦ возраст
◦ светла боја на кожа
◦ фамилијарна историја за меланома
◦ Паркинсонова болест
◦ претходно постоечки базоцелуларен карцином
◦ предходно постоечки болести (радијации).
При медицинска процена на невус кој е подложен на евентуална меланоцитна преобразба, потребно е најпрво да се направи разлика помеѓу нормален невус и евентуален меланом. Нормалниот невус е најчесто еднобоен (бојата варира од светло кафеава до црна), е со јасна граница со околната кожа, е со овална или кружна форма и обично е помал од 6 мм во дијаметар. Најголемиот дел на невуси се појавуваат во детството и нивната појава спорадично трае некаде до 40тата година од животот. Повеќето возрасни луѓе имаат помеѓу 10 и 40 невуси. Со тек на животот и сончевата експозиција, некои невуси ја менуваат бојата и формата, а некои можат и сосема да исчезнат. Познавањето на предупредувачките знаци на меланома и медицинските испитувања се од витално значење за навремено познавање, рана превенција и третман на канцерогените промени на кожата.
Повеќето меланоми ги имаат спецификите опишани со критериумите за меланом ABCDE:
A = асиметрија на формата (немаат правилен облик)
B = ирегуларност на граници (засечени и неправилни)
C = промена во бојата (повеќебојни или невуси со неправилна дистрибуција на боја)
D = дијаметар (големина над 6мм)
E = еволуција (се мисли на нови промени како чешање, крварење итн.)
Меланомите можат да се развијат и на места кои не се редовно изложени на УВ зраци и се наречени скриени меланоми. Најчесто вакви меланоми се јавуваат кај пациенти со потемна кожа. Овие места ги опфаќаат ноктите, главата, пазувите, вратот, главата…
Дијагностицирањето на меланом се прави според ABCDE класификацијата, Глазгов класификацијата, кои потоа се поддржани со дермоскопија, микроскопија, т.н мапирање на невуси – потенцијални меланоми, геномски анализи, КТ, Пет скен итн. Начинот на спроведување на дијагностика и третман на меланомите зависи првенствено од типот на меланом и мислењето на специјалист – дерматолог. Во голем број на случаи, биопсијата е најпрецизниот медот за дефинитивна дијагноза. 5те стадиуми на меланом вклучуваат:
◦Стадиум 0 – меланома ин ситу
◦Стадиум 1 – тенок меланом < 2mm
◦Стадиум 2 – дебел меланом > 2mm
◦Стадиум 3 – меланом кој ги зафаќа лимфните јазли
◦Стадиум 4 – детекција на метастази
Третманот на меланомите вклучува инволвирање на дерматолог и онколог, кои ја даваат соодветната дијагноза и третирање со цел навремено отстранување и превенција на метастази. Радотерапија, хемотерапија, оперативен зафат, антибиотици, режим на исхрана, таргет терапија се само дел од најчесто користените третмани. Како дел од превентивните мерки за заштита од УВ зраци се спомнуваат носење на креми со заштитен фактор, носење на светла облека летно време и избегнување на директна и долготрајна изложеност на сончевите и УВ зраци. Иако третманот на рано детектиран меланом е тесно поврзан со упешно отстранување на истиот и превенција од метастази, сепак превентивните мерки се покажале како најуспешен метод за продолжување на животот и квалитетот на пациентите.