Пост Ковид кардиоваскуларни последици
Четири години по појавувањето на SARS-CoV-2 вирусот, над 750 милиони луѓе ширум светот беа заразени. Неодамнешни студии покажаа дека дел од овие лица, се соочиле со кардиоваскуларни потешкотии од различен степен во пост-ковид периодот. Особено е важно да се напомене дека станува збор за лица кои имале лесна или средно тешка форма на болеста и не биле хоспитализирани. Ризикот постои без разлика на демографските карактеристики на популацијата како возраст, пол и раса, како и предиспонирачки фактори како обезност или хипертензија. Главната причина за настанување на ваков тип на проблеми може да се должи на повеќе фактори, но главната причина е пост инфламаторниот одговор, кој резултира со про-тромботични промени кои може да доведе со акутни исхемични цереброваскуларни настани и миокарден инфаркт, како резултат на компромитирање на циркулацијата во коронарните артерии. Транзиторното или перманентното срцево страдање настанува како резултат и на други фактори како:
Хипоксија – при што срцето мора да работи поинтензивно за да ги задоволи потребите на ткивата и органите, што може да биде опасно кај пациенти со претходни кардиоваскуларни заболувања. Сите овие промени доведуваат до срцева слабост и консекутивни клеточни и ткивни оштетувања.
Миокардитис – самиот вирус може директно да го оштети миокардот или да настане воспаление како резултат на бурниот системски инфламаторен одговор.
Стрес кардиомиопатија – настанува како резултат на компромитираната способност на срцето да пумпа крв во периферната циркулација. По инфицирањето, организмот доживува стрес, по што доаѓа до ослободување на катехоламини и пролонгирано срцево страдање.
Цитокинска бура – како резултат на самата инфекција и ослободување на цитокини од клетките кои учествуваат во одбранбениот одговор на организмот. Бурниот антиинфламаторен одговор може да доведе до оштетувања на срцето во пост ковид периодот.
Типови на кардиоваскуларни секвели во Пост-ковид периодот
Нарушувања на срцевиот ритам и фрекфенција – повремената тахикардија или палпитации може да бидат предизвикани и од други фактори како фебрилност од различна етиологија или дехидратација. Доколку истите тегоби продолжат, се препорачува консултација со кардиолог.
Глад за воздух – особено треба да се обрне внимание доколку е проследено со ниска кислородна сатурација (под 92%).
Срцева слабост – доколку дојде до пролонгиран глад за воздух и отоци на нозете, треба консултација со доктор и дополнителни иследувања.
Градна болка – може да биде сосема безопасна, но доколку е проследена со гадење, нагони за повраќање и глад за воздух, може да биде индикатор за миокарден инфаркт или белодробна емболија.
Синдром на постурална ортостатска тахикардија – состојбата не е директно кардиоваскуларна , туку невролошка манифестација, како резултат на компромитирање на центрите во мозокот кои го регулираат срцевиот ритам и циркулацијата. Овој синдром доведува до тахикардија по станување, како и гадење, палпитации и вртоглавица.
Миокарден инфаркт – Тип 1 срцевиот удар кој настанува како резултат на опструкција на коронарните артерии со тромб е ретка компликација за време и во пост ковид периодот. Тип 2 срцевиот удар кој настанува како резултат на зголемен стрес на срцето, пролонгирана тахикардија, ниска кислородна сатурација или анемија е почест кај овие пациенти. Анализите на крвта покажале дека некои лица за време на Ковид-19 инфекцијата имале покачено серумско ниво на тропонин, како и промени во ЕКГ наодот.
Перикардитис – воспаление на перикардот, може да се манифестира со градна болка.
Пост ковид кардиоваскуларни секвели кај деца – генерално, децата не сe соочуваат со сериозни компликации во пост ковид периодот како возрасните индивидуи. Кардиоваскуларните оштетувања кај децата може да настанат како резултат на мултисистемскиот инфламаторен одговор кај децата (MIS-C), кој може да доведе до сериозни срцеви оштетувања, кардиоген шок и смрт. Некои деца во пост ковид периодот може да доживуваат и пролонгирана тахикардија или миокардна фиброза, што доведува до неможност за нормална релаксација на срцевиот мускул и нарушена пумпна способност.
Дијагноза на пост ковид кардиоваскуларните секвели
По прележување на Ковид-19, се препорачува консултација со доктор, со цел утврдување на успешност на заздравувањето на срцето во периодот кој следи. Доколку се соочувате со некој срцев проблем во периодот кој следи, се препорачува :
Рутинска крвна слика и мерење на крвниот притисок – следење на нивоата на холестерол, глукоза, тироиден статус, како и бубрежната функција. Сите овие анализи се важни не само во пост ковид периодот, туку и рутинско следење на здравствената состојба кај популацијата.
ЕКГ – преку што се детектираат срцеви аритмии и останати ирегуларности кај срцевата електрична активност.
Ехокардиграфија – се детектираат структурни нарушувања во срцевите преткомори и комори, преку продукција на електробранови кој овозможуваат визуелизација на истите.
МРИ – Магнетната резонанца ни овозможува визуелизација на мекоткивните структури на срцето, со што може да се видат сите инфламаторни срцеви нарушувања или лузни.
БНП – Натриуретичниот пептид тип Б ни сигнализира за пумпната способност на срцето.
Високосензитивен CRP тест – ризик фактор за коронарна срцева болест и инфламаторен одговор.
Стрес тест – покажува за работата на срцето за време на физичка активност.
Совети и препораки за полесно справување со кардиоваскуларните секвели
Иако долготрајните последици на Ковид-19 може да бидат сериозни кај дел од пациентите, генерално нема голем простор за загриженост. Мерките за справување со последиците може да бидат различни :
Грижа за здравјето – кое вклучува редовни превентивни прегледи и контрола на кардиоваскуларните ризик фактори.
Консултација со доктор – опоравувањето од Ковид-19 во просек може да трае од 2-6 недели, но доколку симптомите се уште траат, се препорачува консултација со доктор и дополнителни иследувања по потреба.
Квалитетен сон – недостатокот на сон може да даде потешкотии кај лица кои развиле кардиоваскуларни манифестации во пост ковид периодот.
Физичка активност – откако ќе се исклучат сите структурни срцеви проблеми кои би можел да ги остави самиот вирус, се препорачува умерена физичка активност во пост Ковид периодот кој следи.
Вакцинација – вакцините против Ковид-19 го намалуваат ризикот од заразување и развивање на посериозна форма на болеста. Иако се уште нема доволно информации дали вакцината влијае врз развивање на последици во пост Ковид периодот, превенцијата е клучна кај секое заболување.