
Месец март е Меѓународен месец за подигање на свеста за ракот на дебелото црево
Ракот на дебелото црево е едно од најчестите малигни заболувања на модерното време, со околу 1,8 милиони нови случаи во светот секоја година, што претставува околу 10% од сите случаи на малигни тумори. Ракот на дебелото црево најчесто ги погодува постарите лица, по 70-годишна возраст, но во последната деценија е јасен трендот на зголемување на инциденцата кај младите, на возраст под 40 години. Се покажа дека овде возраста може да биде прогностички фактор, односно дека возраста на пациентите под 40 години има влијание врз поагресивната форма на болеста и пократко севкупно преживување.
Посебен проблем, кај нас и во светот е големиот процент на пациенти со метастатско заболување во моментот на дијагнозата, најчесто во црниот дроб, кај околу 25% од пациентите. Додека во најраните стадиуми на болеста, петгодишното преживување е над 90%, во првичните метастатски форми тоа е околу 10-15% од пациентите.
Ризик фактори
Ризикот од колоректален карцином се зголемува по 40–та, година на животот, така што КРК се јавува во 90%, кај лицата над 50-годишна возраст. Секое лице на возраст над 50 години носи 5% ризик дека до 74 година ќе развие рак на дебелото црево, односно 2,5% ризик дека ќе умре од рак на дебелото црево. Симптомите кои упатуваат на рак на дебелото црево во раните фази се без симптоми, додека во понапредна фаза можат да се најдат следните симптоми: крварење од дебелото црево или крвава столица, промена во навиките на дебелото црево, столици кои се потенки од вообичаеното, општо проблеми во стомакот, како што се надуеност и грчеви, пролив, запек или чувство дека движењето во дебелото црево не е сосема целосно, слабеење без очигледна причина, малаксалост, повраќање и анемија. Во однос на ризикот од КРК сите поединци се поделени на: оние со просечен ризик (како општо население), со умерено зголемен ризик и со висок ризик за развој на колоректален карцином. Лицата кои имаат или некој од нивните блиски роднини имале полипи и/или рак на дебелото црево или доколку боледуваат од одредени воспалителни болести на цревата (улцерозен колитис, Кронова болест) спаѓаат во група со умерено-зголемен ризик. Со висок ризик се лицата кои во семејството имаат некои од полипозни синдроми и/или наследен неполипозен колоректален карцином (HNPCC). Луѓето со претходна анамнеза на рак на желудникот, градите, јајниците, уретрата, мочниот меур, бубрезите, матката, белите дробови и рак на простата, исто така, имаат зголемен ризик да развијат рак на дебелото црево. Бројни епидемиолошки студии го испитувале влијанието на надворешните фактори (исхраната и хигиено-диететскиот режим и физичката активност), како ризик фактори кои можат да придонесат за развој на рак на дебелото црево. Дебелината и дијабетесот се поврзани со умерено зголемен ризик, додека пушењето е поврзано со зголемен ризик за КРК, а уште повеќе со развојот на аденоми.
Превенирање на ризиците од КРК и раното откривање
Постојат неколку начини кои можат да придонесат за намалување на ризик од развој на колоректален карцином и други видови карциноми.
Исхрана – Истражувањата покажуваат дека помалку мрсна храна, храна богата со влакна, големи количества свежо овошје и зеленчук (најмалку 5 порции дневно) и полнозрнести житарици, придонесуваат за намалување на ризик од колоректален карцином. Консумација на црвеното месо и месните преработки се препорачуваат најмногу еднаш до два пати неделно.
Физичка активност– редовната физичка активност придонесува за намалување на ризик од колоректален карцином. Се препорачува најмалку 30 минути напорно вежбање најмалку 5 дена во неделата.
Здрава телесна тежина -Секој човек треба да направи напор за одржување на здрава телесна тежина. Промените во исхраната и редовната физичка активност можат да допринесат за одржување на телесната тежината под контрола.
Пушење– Пушењето е една од водечките причини за појава на КРК, престанокот на пушење го намалува ризикот за рак на дебелото црево како и за останатите видови на канцери. Лицата кои спаѓаат во категорија со просечен ризик да заболат од колоректален карцином, треба да почнат со редовни скрининзи на 50-годишна возраст. Лица кои имаат зголемен ризик, треба да почнат со редовни скрининзи на порана возраст. Лица постари од 75 години, треба да се консултираат со матичниот лекар дали треба да продолжат со понатамошните скрининзи.
Симптоми
Симптомите на малигнен тумор на дебелото црево првенствено зависат од локацијата на туморот и може да се манифестираат како:
- крварење во столицата,
- неправилна столица,
- течна столица,
- синдром на ретка столица,
- наизменичен запек и дијареа,
- чувство на недоволно празнање, надуеност, отсуство на гасови и столица.
Некогаш прв и единствен симптом може да биде појавата на слабост и замор поради анемија, што е последица на долготрајно секојдневно крварење во столицата. Еден од важните проблеми при поставувањето на дијагнозата, односно рано откривање на тумор на дебелото црево, е присуството на крв во столицата, која се третира како последица на хемороидално крварење и може да доведе до погрешно поставување на дијагнозата без понатамошен преглед, односно колоноскопија.
Дијагноза
Од лабораториски анализи, анемијата може да биде единствен начин на манифестација, особено кај туморите на цекум. Седиментацијата е често нормална, а покачената алкална фосфатаза укажува на можни метастази во црниот дроб. Дијагнозата на рак на дебелото црево често се поставува со колоноскопија кога ќе се види туморска промена, од која се зема парче ткиво (биопсија). Со оваа процедура ни е важно точно да утврдиме каде се наоѓа туморот, како изгледа и за каков тип на тумор се работи. Исто така ни е важно да знаеме дали цревото се стеснува или целосно се затвора, а ова е важно за понатамошниот тек на лекувањето, пред сè хируршки. Во најлошите случаи, кога операцијата на дебелото црево се јавува поради болка, крварење или застој на црниот дроб, дијагнозата се поставува при самата операција.
Како се лекува ракот на дебелото црево?
Одлуката за понатамошниот тек на лекувањето ја донесува тим од лекари. Третманот најчесто е хируршки, по можност со ресекција во еден чин. Терапијата со зрачење е исто така опција и понекогаш се советува пред самата операција. Анемијата треба да се корегира предоперативно. Итни операции, поради опструкција, бараат две до три фази (декомпресија, ресекција, анастомоза). Колостомијата го декомпресира цревото, ги ублажува симптомите и може да се затвори подоцна. Ракталниот карцином може да бара целосно отстранување на ректумот со трајна колостома.
Методи за рано откривање на колоректален карцином
Скрининг е метода за откривање на болест пред да се појават симптомите. Скринингот овозможува откривање на ракот во рана фаза пред да стане инвазивен, истиот се однесува на луѓето со просечен ризик (како и општата популација). Скринингот има за цел да обезбеди преживување, да го намали морбидитетот и да го унапреди квалитетот на животот на оние кои развиле канцер. Неговата цел е намалување на ризикот, но тој не дијагностицира болест. Постојат неколку методи на скрининг и тоа се: годишни – двогодишни тестови за присуство на окултно крварење. Иако теоретски се достапни широк спектар на различни скрининг методи за колоректален карцином, истражувањата кои имале за цел да го идентификуваат најефективниот скрининг протокол за употреба во општата асимптоматска популација воглавно се предлага тест за детекција на окултното крварење или таканаречен (ФОБ-тест).
Тестови, со кои се открива пред-канцерозна и канцерозна состојба и скрининг интервали:
- Тест за детекција на окултнотокрварење(FOBT)- секоја година
- Имунохемиски тест на столицата(FIT)- Секоја година
- ДНК тест на столица (sDNA)- Секоја година
- Колоноскопија –Секои 10 години
- Флексибилна сигмоидоскопија- Секои 5 години
- Иригографија- Секои 5 години
Колоноскопија игра клучна улога во секој скрининг на колоректален карцином претставувајќи златен стандард за потврдување на секој позитивен резултат добиен од другите скрининг методи на КРК. Колоноскопија е чувствителна метода која ги открива и најмалите промени, дури и помали од 5 mm, така што сите туморозни промени може да се откријат во многу рана фаза. Повеќето промени можат и да се отстранат, така што колоноскопија покрај дијагностичка претставува и терапевтска метода..
Третман на колорекателн карцином
Третманот на КРК зависи од стадиумот на болеста, градусот на туморот, возраста на пациентот, неговата општа состојба .
Тераписки опции за ракот на дебелото црево се: хируршки третман, радиотерапија (зрачна терапија), хемотерапија, таргет (целна) терапија.
Хируршкиот третман е главна и најчеста тераписка опција за ракот на дебелото црево. Целта на оперативното лекување е отстранување на целиот примарен тумор со дел од здравото црево. При тоа се отстрануваат и лимфните јазли кои го дренираат тој дел од дебелото црево, а кои што ги следат крвните садови кои го снабдуваат со крв тој дел од цревото. Доколку се зафатени и соседните ткива и органи со малигниот процес, и тие оперативно се отстрануваат. Кога ракот е локално напреднат или метастазиран се спроведува комбинирана терапија (радиотерапија, хемотерапија и таргет – целна терапија).
Радиотерапијата е локална терапија, која ги уништува малигните клетки само во регијата која се озрачува.
Хемотерапијата се применува со лекови наречени цитостатици. Тие дејствуваат така што ја блокираат делбата на малигните клетки инхибирајќи го на тој начин растот и инвазијата на ракот. Хемотерапијата се применува кај локално напреднат и метастатски рак на дебело црево. Најчесто се дава во комбинација со другите третмани.
Целната терапија (таргет терапија) е нова ефикасна терапија за напреднат и метастатски рак на дебело црево. Се спроведува со целни лекови кои селективно ги напаѓаат само малигните клетки, a не ги оштетуваат здравите клетки на организмот. Целните лекови најчесто се даваат во комбинација со класичните цитостатици, а поретко самостојно како монотерапија.
Контроли на пациенти оперирани од колоректален карцином
Пациент кој бил опериран од рак на дебелото црево мора да оди на прегледи во зависност од стадиумот и видот на ракот. Покрај прегледи и лабораториски анализи, абдоминалните органи се следат со ултразвук, а по потреба се прави и компјутерска томографија или магнетна резонанца на абдоменот и карлицата. Се вршат и контролни колоноскопии. Туморските маркери CEA и CA 19-9 се задолжителни, кои се земаат првично, кога се поставува дијагнозата за промена на туморот. Зголемувањето на туморските маркери по успешното лекување може да предизвика сомневања за враќање на болеста.