Пост Ковид кардиоваскуларни последици

Четири години по појавувањето на SARS-CoV-2 вирусот, над 750 милиони луѓе ширум светот беа заразени. Неодамнешни студии покажаа дека дел од овие лица, се соочиле со кардиоваскуларни потешкотии од различен степен во пост-ковид периодот. Особено е важно да се напомене дека станува збор за лица кои имале лесна или средно тешка форма на болеста и не биле хоспитализирани. Ризикот постои без разлика на демографските карактеристики на популацијата како возраст, пол и раса, како и предиспонирачки фактори како обезност или хипертензија. Главната причина за настанување на ваков тип на проблеми може да се должи на повеќе фактори, но главната причина е пост инфламаторниот одговор, кој резултира со про-тромботични промени кои може да доведе со акутни исхемични цереброваскуларни настани и миокарден инфаркт, како резултат на компромитирање на циркулацијата во коронарните артерии. Транзиторното или перманентното срцево страдање настанува како резултат и на други фактори како:

Хипоксија – при што срцето мора да работи поинтензивно за да ги задоволи потребите на ткивата и органите, што може да биде опасно кај пациенти со претходни кардиоваскуларни заболувања. Сите овие промени доведуваат до срцева слабост и консекутивни клеточни и ткивни оштетувања.

Миокардитис – самиот вирус може директно да го оштети миокардот или да настане воспаление како резултат на бурниот системски инфламаторен одговор.

Стрес кардиомиопатија – настанува како резултат на компромитираната способност на срцето да пумпа крв во периферната циркулација. По инфицирањето, организмот доживува стрес, по што доаѓа до ослободување на катехоламини и пролонгирано срцево страдање.

Цитокинска бура – како резултат на самата инфекција и ослободување на цитокини од клетките кои учествуваат во одбранбениот одговор на организмот. Бурниот антиинфламаторен одговор може да доведе до оштетувања на срцето во пост ковид периодот.

Типови на кардиоваскуларни секвели во Пост-ковид периодот

Нарушувања на срцевиот ритам и фрекфенција  – повремената тахикардија или палпитации може да бидат предизвикани и од други фактори како фебрилност од различна етиологија или дехидратација. Доколку истите тегоби продолжат, се препорачува консултација со кардиолог.

Глад за воздух – особено треба да се обрне внимание доколку е проследено со ниска кислородна сатурација (под 92%).

Срцева слабост – доколку дојде до пролонгиран глад за воздух и отоци на нозете, треба консултација со доктор и дополнителни иследувања.

Градна болка – може да биде сосема безопасна, но доколку е проследена со гадење, нагони за повраќање и глад за воздух, може да биде индикатор за миокарден инфаркт или белодробна емболија.

Синдром на постурална ортостатска тахикардија – состојбата не е директно кардиоваскуларна , туку невролошка манифестација, како резултат на компромитирање на центрите во мозокот кои го регулираат срцевиот ритам и циркулацијата. Овој синдром доведува до тахикардија по станување, како и гадење, палпитации и вртоглавица.

Миокарден инфаркт – Тип 1 срцевиот удар кој настанува како резултат на опструкција на коронарните артерии со тромб е ретка компликација за време и во пост ковид периодот. Тип 2 срцевиот удар кој настанува како резултат на зголемен стрес на срцето, пролонгирана тахикардија, ниска кислородна сатурација или анемија е почест кај овие пациенти. Анализите на крвта покажале дека некои лица за време на Ковид-19 инфекцијата имале покачено серумско ниво на тропонин, како и промени во ЕКГ наодот.

Перикардитис – воспаление на перикардот, може да се манифестира со градна болка.

Пост ковид кардиоваскуларни секвели кај деца – генерално, децата не сe соочуваат со сериозни компликации во пост ковид периодот како возрасните индивидуи. Кардиоваскуларните оштетувања кај децата може да настанат како резултат на мултисистемскиот инфламаторен одговор кај децата (MIS-C), кој може да доведе до сериозни срцеви оштетувања, кардиоген шок и смрт. Некои деца во пост ковид периодот може да доживуваат и пролонгирана тахикардија или миокардна фиброза, што доведува до неможност за нормална релаксација на срцевиот мускул и нарушена пумпна способност.

Дијагноза на пост ковид кардиоваскуларните секвели

По прележување на Ковид-19, се препорачува консултација со доктор, со цел утврдување на успешност на заздравувањето на срцето во периодот кој следи. Доколку се соочувате со некој срцев проблем во периодот кој следи, се препорачува :

Рутинска крвна слика и мерење на крвниот притисок – следење на нивоата на холестерол, глукоза, тироиден статус, како и бубрежната функција. Сите овие анализи се важни не само во пост ковид периодот, туку и рутинско следење на здравствената состојба кај популацијата.

ЕКГ – преку што се детектираат срцеви аритмии и останати ирегуларности кај срцевата електрична активност.

Ехокардиграфија – се детектираат структурни нарушувања во срцевите преткомори и комори, преку продукција на електробранови кој овозможуваат визуелизација на истите.

МРИ – Магнетната резонанца ни овозможува визуелизација на мекоткивните структури на срцето, со што може да се видат сите инфламаторни срцеви нарушувања или лузни.

БНП – Натриуретичниот пептид тип Б ни сигнализира за пумпната способност на срцето.

Високосензитивен CRP тест – ризик фактор за коронарна срцева болест и инфламаторен одговор.

Стрес тест – покажува за работата на срцето за време на физичка активност.

Совети и препораки за полесно справување со кардиоваскуларните секвели

Иако долготрајните последици на Ковид-19 може да бидат сериозни кај дел од пациентите, генерално нема голем простор за загриженост. Мерките за справување со последиците може да бидат различни :

Грижа за здравјето – кое вклучува редовни превентивни прегледи и контрола на кардиоваскуларните ризик фактори.

Консултација со доктор – опоравувањето од Ковид-19 во просек може да трае од 2-6 недели, но доколку симптомите се уште траат, се препорачува консултација со доктор и дополнителни иследувања по потреба.

Квалитетен сон – недостатокот на сон може да даде потешкотии кај лица кои развиле кардиоваскуларни манифестации во пост ковид периодот.

Физичка активност – откако ќе се исклучат сите структурни срцеви проблеми кои би можел да ги остави самиот вирус, се препорачува умерена физичка активност во пост Ковид периодот кој следи.

Вакцинација – вакцините против Ковид-19 го намалуваат ризикот од заразување и развивање на посериозна форма на болеста. Иако се уште нема доволно информации дали вакцината влијае врз развивање на последици во пост Ковид периодот, превенцијата е клучна кај секое заболување.

Пролетни алергии, симптоми и третман

Д-р Елена Накова ви одговара кратко на најчестите прашања поврзани со пролетните алергии.

Пролетта покрај тоа што е едно од најпосакуваните годишни времиња за пациентите кои се соочуваат со пролетни алергии воопшто не е едно од нив.

Што претставуваат пролетните алергии и како настануваат?

Со цветањето на дрвјата и цвекињата поленовите зрна чии честички се мали и невидливи за голото око,  со инхалирање на воздухот влегуваат во организмот при што предизвикуваат активирање на имунолошкиот систем на организмот.

Алергија претставува хиперсензитивност односно преосетливост на организмот кон даден алерген кој во овој случај претставува поленот, додека алергиска реакција претставува реакција на имунолошкиот систем на организмот кон дадениот алерген.

Со причинување на алергиска реакција имунолошкиот систем го штити организмот од штетни агенси. При контакт на организмот со даден алерген истиот го доживува како туѓо тело против кое продуцира низа на антитела кои се нарекуваат имуноглобулини, односно IgE антитела.

Во случај на контакт помеѓу IgE антителата и алергените се ослободуваат силни инфламаторни материи, како што се: хистамини, простагландини и леукотриени при што во организмот хиперсензитивен  кон полен се манифестираат со следните симптоми: кивање, чешање во пределот на носот, грлото и очите, темни кругови околу очите (предизвикани од ограничениот проток на крв околу синусите), насолзени очи, коњуктивитис и ринитис. Кај мал број на пациенти кои се алергични на полен, може да се јави потешка форма на болеста односно алергиска астма.

Како се дијагностицираат пролетните алергии?

Точна дијагноза кај овие пациенти врз основа на симптомите е тешко да се постави, бидејки овие симптоми се неспецифични и се јавуваат и кај други состојби меѓу кои се вбројува и настинката. За поставување на конкретна дијагноза неопходно е да се изработат алерготестови, еден од најчесто употребуваните алерготестови е тестот со prick методата при кој со мал убод се внесува мала доза на алерген со слаба концентрација во површинскиот дел од кожата. Како резултат на овој тест се појавува оток и црвенило на кожата на местото на убодот, а во зависност од јачината и брзината на реакцијата лекарот може да утврди од која супстанција е предизвикана. Исто така осетливоста на некои алергени може да се утврди и преку алергиски тестови на крвта.

Како до соодветен третман и ублажување на тегобите од пролетните алергии?

Медицински алергијата се лекува со лекови кои делуваат на принципот на ублажување на симптомите од алергијата односно ја блокираат нормалната реакција на имунолошкиот систем.

Антихистаминици, кои го намалуваат кивањето, течењето на нос, чешањето, преку намалување на хистаминот во организмот  во форма на таблети, спреј за нос, капки за очи.

Деконгестиви  во форма на капки за нос и очи

Кортикостероиди во форма на таблети, инекции, инхалатори.

Имунотерапија, за промена на алергискиот статус на организамот може да се примени специфична имунотерапија или алергиска вакцинација. Овој метод се применува само во случаи кога постои моносензибилизација, односно постои алергиска преосетливост само на една група на полен.

Во периодот на цветањето на дрвјата кога концентрацијата на поленот во воздухот е највисока се препорачува подолго престојување во затворен простор во текот на сезоната кога цветаат растенија на чии полени сте алергични, а дождливите денови одберете ги за прошетка;

Секогаш носете очила за сонце со цел  да ги заштите очите од поленот;
Држете ги прозорците во домот затворени, а посебно во автомобилот, кога концентрацијата на поленот од тој вид е висока.

Природна алтернатива против алергии

Покрај конвенционалите медицински лекови, постојат и други природни средства за т.н. природна имунотерапија, со чие користење може да се ублажи или целосно да се отстрани пролетната алергија. Препораките генерално се однесуваат на зајакнување на имунитет, чистење на организамот, конзумирање на храна богата со витамин Ц и конзумирање на природни средства кои делуваат како антихистаминици. Така на пример, секојдневното конзумирање на една лажичка мед неколку недели пред да започне цветањето на растенијата, може значително да ја намали алергијата.

Постојат голем број на природни зајакнувачи на имунитетот, како што е маслото од црно семе, маслото од семки од грејпфрут, прополис, ехинацеа итн.

Во случај на перзистирање на тегобите и влошување на општата состојба на пациентот кои ги вклучува, потекување на лицето, потекување на јазикот, зуење во ушите и потешкотии во дишењето неопходно е пациентот да се упати за доиследување и третман од страна на специјалист пулмолог, субспецијалист алерголог.

Месец март е Меѓународен месец за подигање на свеста за ракот на дебелото црево

Ракот на дебелото црево е едно од најчестите малигни заболувања на модерното време, со околу 1,8 милиони нови случаи во светот секоја година, што претставува околу 10% од сите случаи на малигни тумори. Ракот на дебелото црево најчесто ги погодува постарите лица, по 70-годишна возраст, но во последната деценија е јасен трендот на зголемување на инциденцата кај младите, на возраст под 40 години. Се покажа дека овде возраста може да биде прогностички фактор, односно дека возраста на пациентите под 40 години има влијание врз поагресивната форма на болеста и пократко севкупно преживување.

Посебен проблем, кај нас и во светот е големиот процент на пациенти со метастатско заболување во моментот на дијагнозата, најчесто во црниот дроб, кај околу 25% од пациентите. Додека во најраните стадиуми на болеста, петгодишното преживување е над 90%, во првичните метастатски форми тоа е околу 10-15% од пациентите.

Ризик фактори

Ризикот од колоректален карцином се зголемува по 40–та, година на животот, така што КРК се јавува во 90%, кај лицата над 50-годишна возраст. Секое лице на возраст над 50 години носи 5% ризик дека  до 74 година ќе развие рак на дебелото црево, односно 2,5% ризик дека ќе умре од рак на дебелото црево. Симптомите кои упатуваат на рак на дебелото црево во раните фази се без симптоми, додека во понапредна фаза можат да се најдат следните симптоми: крварење од дебелото црево или крвава столица, промена во навиките на дебелото црево, столици кои се потенки од вообичаеното, општо проблеми во стомакот, како што се надуеност и грчеви, пролив, запек или чувство дека движењето во дебелото црево не е сосема целосно, слабеење без очигледна причина, малаксалост, повраќање и анемија. Во однос на ризикот од КРК сите поединци се поделени на: оние со просечен ризик (како општо население), со умерено зголемен ризик и со висок ризик за развој на колоректален карцином. Лицата кои имаат или некој од нивните блиски роднини имале полипи и/или рак на дебелото црево или доколку боледуваат од одредени воспалителни болести на цревата (улцерозен колитис, Кронова болест) спаѓаат во група со умерено-зголемен ризик. Со висок ризик се лицата кои во семејството имаат некои од полипозни синдроми  и/или наследен неполипозен колоректален карцином (HNPCC). Луѓето со претходна анамнеза на рак на желудникот, градите, јајниците, уретрата, мочниот меур, бубрезите, матката, белите дробови и рак на простата, исто така, имаат зголемен ризик да развијат рак на дебелото црево. Бројни епидемиолошки студии го испитувале влијанието на надворешните фактори (исхраната и хигиено-диететскиот режим и физичката активност), како ризик фактори кои можат да придонесат за развој на рак на дебелото црево. Дебелината и дијабетесот се поврзани со умерено зголемен ризик, додека пушењето е поврзано со зголемен ризик за КРК, а уште повеќе со развојот на аденоми.

Превенирање на ризиците од КРК и раното откривање

Постојат неколку начини кои можат да придонесат за намалување на ризик од развој на колоректален карцином и други видови карциноми.

Исхрана – Истражувањата покажуваат дека помалку мрсна храна, храна богата со влакна, големи количества свежо овошје и зеленчук (најмалку 5 порции дневно) и полнозрнести житарици, придонесуваат за намалување на ризик од колоректален карцином. Консумација на црвеното месо и месните преработки се препорачуваат најмногу еднаш до два пати неделно.

Физичка активност– редовната физичка активност придонесува за намалување на ризик од колоректален карцином. Се препорачува најмалку 30 минути напорно вежбање најмалку 5 дена во неделата.

Здрава телесна тежина -Секој човек треба да направи напор за одржување на здрава телесна тежина. Промените во исхраната и редовната физичка активност можат да допринесат за одржување на телесната тежината под контрола.

Пушење– Пушењето е една од водечките причини за појава на КРК, престанокот на пушење го намалува ризикот за рак на дебелото црево како и за останатите видови на канцери.  Лицата кои спаѓаат во категорија со просечен ризик да заболат од колоректален карцином, треба да почнат со редовни скрининзи на 50-годишна возраст. Лица кои имаат зголемен ризик, треба да почнат со редовни скрининзи на порана возраст. Лица постари од 75 години, треба да се консултираат со матичниот лекар дали треба да продолжат со понатамошните скрининзи.

Симптоми

Симптомите на малигнен тумор на дебелото црево првенствено зависат од локацијата на туморот и може да се манифестираат како:

  • крварење во столицата,
  • неправилна столица,
  • течна столица,
  • синдром на ретка столица,
  • наизменичен запек и дијареа,
  • чувство на недоволно празнање, надуеност, отсуство на гасови и столица.

Некогаш прв и единствен симптом може да биде појавата на слабост и замор поради анемија, што е последица на долготрајно секојдневно крварење во столицата. Еден од важните проблеми при поставувањето на дијагнозата, односно рано откривање на тумор на дебелото црево, е присуството на крв во столицата, која се третира како последица на хемороидално крварење и може да доведе до погрешно поставување на дијагнозата без понатамошен преглед, односно колоноскопија.

Дијагноза

Од лабораториски анализи, анемијата може да биде единствен начин на манифестација, особено кај туморите на цекум. Седиментацијата е често нормална, а покачената алкална фосфатаза укажува на можни метастази во црниот дроб. Дијагнозата на рак на дебелото црево често се поставува со колоноскопија кога ќе се види туморска промена, од која се зема парче ткиво (биопсија). Со оваа процедура ни е важно точно да утврдиме каде се наоѓа туморот, како изгледа и за каков тип на тумор се работи. Исто така ни е важно да знаеме дали цревото се стеснува или целосно се затвора, а ова е важно за понатамошниот тек на лекувањето, пред сè хируршки. Во најлошите случаи, кога операцијата на дебелото црево се јавува поради болка, крварење или застој на црниот дроб, дијагнозата се поставува при самата операција.

Како се лекува ракот на дебелото црево?

Одлуката за понатамошниот тек на лекувањето ја донесува тим од лекари.  Третманот најчесто е хируршки, по можност со ресекција во еден чин. Терапијата со зрачење е исто така опција и понекогаш се советува пред самата операција. Анемијата треба да се корегира предоперативно. Итни операции, поради опструкција, бараат две до три фази (декомпресија, ресекција, анастомоза). Колостомијата го декомпресира цревото, ги ублажува симптомите и може да се затвори подоцна. Ракталниот карцином може да бара целосно отстранување на ректумот со трајна колостома.

Методи за рано откривање на колоректален карцином

Скрининг е  метода  за  откривање на болест  пред  да  се  појават  симптомите. Скринингот овозможува  откривање  на  ракот  во  рана фаза пред  да  стане инвазивен, истиот се однесува на луѓето со просечен ризик (како и општата популација). Скринингот има за цел да обезбеди преживување, да го намали морбидитетот и да го унапреди квалитетот на животот на оние кои развиле канцер. Неговата цел е намалување на ризикот, но тој не дијагностицира болест. Постојат неколку методи на скрининг и тоа се: годишни – двогодишни тестови за присуство на окултно крварење. Иако теоретски се достапни широк спектар на различни скрининг методи за колоректален карцином, истражувањата  кои  имале  за  цел  да го  идентификуваат  најефективниот скрининг  протокол  за  употреба  во  општата  асимптоматска популација воглавно се предлага тест за детекција на окултното крварење или таканаречен (ФОБ-тест).

Тестови, со кои се открива пред-канцерозна и канцерозна состојба  и скрининг интервали:

  • Тест за детекција на окултнотокрварење(FOBT)- секоја година
  • Имунохемиски тест на столицата(FIT)- Секоја година
  • ДНК тест на столица (sDNA)- Секоја година
  • Колоноскопија –Секои 10 години
  • Флексибилна сигмоидоскопија- Секои 5 години
  • Иригографија- Секои  5 години

Колоноскопија игра клучна улога во секој скрининг на колоректален карцином претставувајќи златен стандард за потврдување на секој позитивен резултат добиен од другите скрининг методи на КРК. Колоноскопија е чувствителна метода која ги открива и најмалите промени, дури и помали од 5 mm, така што сите туморозни промени може да се откријат во многу рана фаза. Повеќето промени можат и да се отстранат, така што колоноскопија покрај дијагностичка претставува и терапевтска метода..

Третман на колорекателн карцином

Третманот на КРК зависи од стадиумот на болеста, градусот на туморот, возраста на пациентот, неговата општа состојба .

Тераписки опции за ракот на дебелото црево се: хируршки третман, радиотерапија (зрачна терапија), хемотерапија, таргет (целна) терапија.

Хируршкиот третман е главна и најчеста тераписка опција за ракот на дебелото црево. Целта на оперативното лекување е отстранување на целиот примарен тумор со дел од здравото црево. При тоа се отстрануваат и лимфните јазли кои го дренираат тој дел од дебелото црево, а кои што ги следат крвните садови кои го снабдуваат со крв тој дел од цревото. Доколку се зафатени и соседните ткива и органи со малигниот процес, и тие оперативно се отстрануваат. Кога ракот е локално напреднат или метастазиран се спроведува комбинирана терапија (радиотерапија, хемотерапија и таргет – целна терапија).

Радиотерапијата е локална терапија, која ги уништува малигните клетки само во регијата која се озрачува.

Хемотерапијата се применува со лекови наречени цитостатици. Тие дејствуваат така што ја блокираат делбата на малигните клетки инхибирајќи го на тој начин растот и инвазијата на ракот. Хемотерапијата се применува кај локално напреднат и метастатски рак на дебело црево. Најчесто се дава во комбинација со другите третмани.

Целната терапија (таргет терапија) е нова ефикасна терапија за напреднат и метастатски рак на дебело црево. Се спроведува со целни лекови кои селективно ги напаѓаат само малигните клетки, a не ги оштетуваат здравите клетки на организмот. Целните лекови најчесто се даваат во комбинација со класичните цитостатици, а поретко самостојно како монотерапија.

Контроли на пациенти оперирани од колоректален карцином

Пациент кој бил опериран од рак на дебелото црево мора да оди на прегледи во зависност од стадиумот и видот на ракот. Покрај прегледи и лабораториски анализи, абдоминалните органи се следат со ултразвук, а по потреба се прави и компјутерска томографија  или магнетна резонанца на абдоменот и карлицата. Се вршат и контролни колоноскопии. Туморските маркери CEA и CA 19-9 се задолжителни, кои се земаат првично, кога се поставува дијагнозата за промена на туморот. Зголемувањето на туморските маркери по успешното лекување може да предизвика сомневања за враќање на болеста.

Самопреглед на дојка во домашни услови, прв чекор до здрави дојки

По повеќегодишна пауза поради пандемијата со КОВИД-19, скрининг програмата за рак на дојка во државата е повторно активна. Програмата ги опфаќа сите жени од 45 до 69 години, како и сите помлади кои имаат индикација за скрининг, како фамилијарна историја или други пореметувања поради кои треба да бидат проследени и дојките.

Освен редовниот скрининг кој се врши во болнички услови, од подеднаков значење е и самопрегледот во домашни услови. Ваквите релативно едноставни постапки со кои секоја жена треба да биде запознаена и одговорно да ги спроведува можат да бидат од круцијална важност за навремено откривање на било какви промени и соодветен третман во пораните фази од појавата на промените.

Кога треба да се спроведуваат овие прегледи?

Превентивните самопрегледи треба да се изведуваат три до пет дена од почетокот на месечниот циклус, за жени во репрудоктивен период, и еднаш месечно на ист датум за жени во мено пауза. Возрасните граници за скрининг не важат и за ваквите превентивни прегледи, односно и жените помлади од 45 години треба редовно да ги спроведуваат овие визуелни инспекции и мануелни  прегледни, при кои доколку се проследат било какви промени, истите да се пријават кај матичниот гинеколог.

Како да се самопрегледате?

Овие прегледни се изведуваат во седечка или лежечка положба, најпогодно и едноставно би боло за време на туширање. Секоја жена индивидуално знае за изгледнот на кожата на градите и брадавиците, а со редовни прегледи ќе ја научи густината на дојките, кое е од големо значење поради било какви промени во изгледот или густината би сугерирале потреба од посета на доктор.

На инспекција, односно следење на она што се гледа со голо око, треба да се обрати внимание за поставеноста на дојките, дали има промени во висина на едната во одност на другата, се следи состојбата на брадавицата, дали има промени во пигментација или пак е вовлечена (доколку вовлекувањето е нова промена).

Мануелна палпација, односно користење на рака за следење на состојбата на дојката, опфаќа преглед на самата дојка, но и делот кон пазув. Рацете со поставуваат така што едната рака се крева нагоре или се зафрла позади глава, а со другата, спротивната рака на дојката која што ќе ја прегледувате, се прават мали кружни движења со благ притисок низ целата града. Се притиска и брадавицата, со цел да се проследи дали постои било каков исцедок.

Кога да се јавите на доктор?

Промените кои бараат преглед од доктор се задебелување на кожата, промена на боја (црвенило) на дојката, потоа исцедок од брадавица, кој може да биде бистар и безбоен, или пак густ, со жолто или зеленикаво пребојување. Надвор од бременост може да се следи и лактација, млечен исцедок од обете дојки, кој сугерира хормонален дисбаланс. Болка во пределот на дојдите и пазувите не треба да се занемари без консултација со лекар. Сите промени во густина во било кој дел од градата, присуствно на претхнодно непостоечки грутки, нови палпабилно формации бараат навремена реакција и преглед од специјалист.

Д-р Марио Ѓуфтески | Никоб Медикал