Бенигна хиперплазија на простата

Бенигната хиперплазија на простатата е состојба која се јавува како последица на зголемување на волуменот на простатата, што доведува до деформација и истегнување на мочниот канал, што е причина за симптомите на БХП (Бенигна хиперплазија на простата). Простата е машка полова жлезда, сместена зад мочниот канал, чија главна функција е производство на поголем дел од семената течност, која служи за транспорт и храна на сперматозоидите. БПХ всушност претставува прекумерен раст и размножување на клетки во централниот дел на простатата, кои се од неканцерогено потекло.

Причините за појава на БХП се уште не се доволно разјаснети, но постоечките теории примарно се поврзани со зголеменото ниво и конверзија на тестостерон во DHT (5 алфа – дихидротестостерон), кој е примарен андроген стиулатор на растот на простата. Иако овој феномен во целост не може да се објасни, потојат докази дека по 40 – 45та година доаѓа до промена во рамнотежата на хормоните – што влијае врз појавата на БХП, особено кај постарата популација. Затоа ова е најчестото заболување кај мажите после 50тата година. Инциденцата секако се зголемува со возраста. Фамилијарната анамнеза и потеклото се вклучени како ризик фактори за БХП.

Симптомите кои се јавуваат како последица од БХП, се предизвикани од зголеменото ткиво кое врши притисок на мочниот канал (уретра). Уретрата се деформира, се издолжува и добива поинаков облик. Како резултат на ова стеснување, доаѓа до делумно или целосно затворање на уретрата и мочниот меур, при што уретралниот мускул почнува да работи понапорно за да го надмине отпорот и за да може нормално да ја исфрли урината. Зголемувањето на простатата може да го блокира истекувањето на урината од мочниот меур и да предизвика проблеми поврзани со уринарниот тракт и бубрезите.

Најчестите симптоми асоцирани со БХП се:

◊ забавено или одложено мокрење

◊ дисконтинуитет на млазот при празнење на мочниот меур

◊ ноктурија (често мокрење во тек на ноќта)

◊ дизурија (болка при мокрење)

◊ уринарна ретенција (задршка на урина)

◊ хематурија (појава на крв во урина)

◊ инконтиненција (неконтролирано истекување на урина)

Испитувањата кои се сметаат за корисни за рана детекција на БХП вклучуваат:

◊ PSA – специфичен антиген на простата, кој се детектира во крв

◊ дигиторектален преглед – преглед на простата преку анален отвор

◊ мерење на проток на урина (кај мажи со БПХ е помала од 10ml/sec)

◊ мерење на преостаната урина (количина на урина која останува во мочниот меур по мокрењето)

◊ тест за уринарен притисок при мокрење

◊ цистоуретрограм

◊ цистоскопија

Третманот на БХП зависи од возраста, фазата до која еволуирала болеста и волуменот на простатата. Во првата фаза од болеста се користат лекови за да се спречи нејзиниот развој. Како најзначајни се: Алфа 1- блокери ( оксазозин, тамсулозин, теразозин – 74% од лекуваните пациенти пријавиле подобрување на симптоите), Алфа 5- редуктаза инхибитори (финастерид, дутастерид), комбинирана терапија (се смета дека комбинацијата на алфа блокери и инхибитори на алфа 5-редуктазата може да биде најдобрата терапија за БХП). Оперативниот зафат е последниот одговор на третманот кој има за цел да го продолжи животот на пациентот. Трансуретрална ресекција на простата (ТУРП) – како најчеста хируршка процедура, дала подобрување на симптомите кај 88% од третираните пациенти; трансуретрален засек на простата (ТУИП) – подобрување на симптомите кај 80% од третираните пациенти; отворена простактетомија – подобрување на симптомите кај 98% од третираните пациенти.

Најчестите компликации асоцирани со нетретирана БХП вклучуваат: акутна или хронична уринарна ретенција, бактериска инфекција на уринарен тракт, бубрежни камчиња и бубрежна инсуфициенција.

Промени во начинот на исхрана, животниот стил и редовната физичка активност допринесуваат за подобрување на симптомите предизвикани од БХП. Редовните контроли кај специјалист – уролог се од незаменлива значителност. Раниот скрининг кај пациентите, особено при првата појава на симптоми, го редуцира ризикот од компликации и води до унапредување на машкото здравје.

Цереброваскуларен инсулт – трета причина за смрт, прво место по инвалидитет во светот

Цереброваскуларен инсулт или мозочен удар е сериозна, акутно настаната живото- загрозувачка состојба која настанува како последица на нарушено снабдување на мозокот со крв. Станува збор за многу честа болест која се наоѓа на трето место како причина за смрт после срцевите и малигните заболувања во развиените земји и кај нас, а на прво место по инвалидитет.

Класификација на цереброваскуларните заболувања

 Мозочниот удар може да биде:

 1. Исхемичен – предизвикан од коагулум кој ја запушува артеријата и го оневозможува протокот на крв низ неа;

– Според брзината на развој и времето на траење на симптомите се разликуваат два типа на исхемичен мозочен удар:

 · Транзиторна исхемична атака – TIA

 · Инфаркт на мозокот – предизвикан од  тромбоза или емболија.

 2. Хеморагичен – предизвикан од руптура на крвен сад и продирање на крв во околното ткиво. 

– Хеморагичниот мозочен удар според местото на промената, може да биде:

  • Субарахноидален
  • Интрацеребрален

Ризик фактори за настанување на цереброваскуларен инсулт

-Природни ризик фактори:

1. Возраст (популацијата во поодмината возраст има двојно поголем ризик за појава на мозочен удар);

2. Пол (женската популација има поголем ризик за појава на мозочен удар);

3. Раса (ризикот за појава на мозочниот удар е поголем кај црната и жолтата раса);

4. Генетска предиспозиција

-Стекнати ризик фактори:

1. Хипертензија (најзначаен ризик фактор за појава на мозочен удар, посебно за хеморагичен мозочен удар.

 2. Фибрилација на преткоморите ( Aтријална фибрилација) кај лица постари од 80 години ризикот за појава на мозочен удар е 30 %, а кај помлади од 80 години е 15 %. Воведување на антикоагулантна терапија кај овие пациенти го намалува ризикот за појава на мозочен удар за 70 %;

3. Болести на срцето (кардиомиопатија, коронарна болест, болест на залистоците) претставуваат многу значеан ризик за појава на мозочен удар.

4. Шеќерната болест двапати го зголемува ризикот за појава на мозочен удар

5. Дислипидемија (зголемените вредности на вкупниот холестерол, триглицеридите и липопротеините, како и намалените вредности на HDL холестеролот, го зголемува ризикот за појава на исхемичен, но не и на хеморагичен мозочен удар)

6. Пушењето цигари е поврзано со појавата на мозочен удар за 50 %. Ризикот е поголем и кај личности кои се пасивно изложени на чадот од цигарите (пасивни пушачи).

7. Зголемена телесна тежина;

8. Намалена физичка активност;

9. Алкохолизам;

Клиничка слика на цереброваскуларен инсулт

Најчести симптоми на мозочниот удар се:

  • Трпнење, слабост или одземеност на една половина на лицето, долните или горните екстремитети;
  • Нарушување на говорот (отежнато или неразбирливо изговарање на зборовите, целосна неможност на изговарање на зборовите);
  • Нагло замаглување или губење на видот;
  • Нагла појава на главоболка придружена со повраќање;
  • Губење на рамнотежата или координацијата придружена со други симптоми;
  • Вртоглавица, нестабилно одење.

F.A.S.T. тоа е лесен начин да запомните како да препознаете мозочен удар и да знаете што да правите.

Face – слабост или искривување на една страна на лицето
Arm – слабост или одземеност на десна или лева рака
Speech – проблеми со говорот
Time – време за брза медицинска помош

Дијагноза на цереброваскуларен инсулт

-Брзите дијагностички постапки кај пациент со мозочен удар вклучуваат:

-Невролошки статус

-Лабораториски анализи

-Хемостаза

-Компјутеризирана томографија на главата;

-Дополнителните дијагностички постапки вклучуваат:

-Дополнителни лабораториски испитувања (имунолошки статус);

-Магнетна резонанца;

-Ангиографија; 

-Доплер ултразвучна дијагностика;

-Транскранијален доплер;

-Ехокардиографија

-Лумбална пункција

Третман на цереброваскуларен инсулт

Терапијата може да биде конзервативна или хирушка надополнета со физикална терапија со цел побрза рехабилитација.

-Конзервативната терапија се состои во ординирање на лекови кои ја нормализираат густината на крвта и ги подобруваат нејзините хемореолошки својства, потоа антиедематозна терапија, вазодилататорна терапија, антилепимична терапија, централни стимуланси, антихипертензивна терапија, кардијални гликозиди, антиритмици и друга симптоматска терапија.

-Доколку станува збор за хеморагични инсулти кои не се многу големи може да дојде во предвид и хирушки третман. Посебен акцент се става на физикалната терапија која има значајна улога во процесот на рехабилитација како и намалувањето на инвалидитетот.

Подготвил

Д-р Елеонора Лазарова- специјализант по неврологија

Пост ковид депресија

Депресијата воопшто како состојба може да се нарече дека е ‘болест на 21 век’ бидејќи зема се поголем замав и се повеќе млади личности се борат со различни степени на депресија која често не е изолирана како самостојна состојба туку е придружена и со симптоми на анксиозност.

Пандемијата на КОВИД-19 предизвика многу силни ефекти врз менталното здравје кај луѓето на глобално ниво. Во првата година од пандемијата, статистиките според Светската здравствена организација покажуваат дека преваленцата на анксиозноста и депресијата се зголемени за 25%. Од почетокот на пандемијата па до сега пријавени се психопатолошки последици за време на акутната инфекција со вирусот, но и во постковид периодот кај пациентите. Во акутните фази на инфекцијата најчести психолошки потешкотии кои се забележани се конфузија, делириум, депресија, анксиозност и пореметувања во спиењето. Во периодот по прележување на SARS-CoV-2, долгорочните невропсихијатриски последици се главни симтоми на пост-акутниот КОВИД 19 синдром. Клинички значајна депресивна психопатологија била пријавена кај 30-40% пациенти дури и по една година од прележување на инфекцијата.

И преегзистирачката депресија и депресивните симптоми поврзани со КОВИД-19 инфекцијата делувале врз исходот од самата SARS-CoV-2 инфекција, и биле поврзани со хоспитализација, престој во интензивна нега и морталитет.

Кои се главните знаци и симптоми на постковид депресијата?

Досегашните истражувања покажале дека преку 50% од пациентите инфицирани со SARS-CoV-2 вирусот покажале одредени симптоми на депресија, а една четвртина од нив се сметаат за клинички сигнификантни. 

Со користење на прашалници за самоевалуација се дојдени до следните резултати, меѓу кои се наведени најчестите симптоми и знаци на депресија кај постковид пациентите.

  • Чувство на тага, беспомошност, празнина
  • Социјална и емоционална изолација
  • Губење на интересирањето и на задоволството за активности за кои претходно биле заинтересирани
  • Намалување на вниманието и концентрацијата
  • Намалување на самодовербата
  • Чувство на беспомошност
  • Песимистичен поглед кон иднината/ не гледаат поента во оздравувањето
  • Преголем страв од повторно инфицирање со КОВИД 19 или обратно, воопшто не се штити од вирусот заради тоа што ‘нема поента’.
  • Пореметување на сонот
  • Преголем внес на храна или обратно, многу мал внес на храна.

Како се третира постковид депресијата?

Третманот на постковид депресијата се состои од медикаментозен третман, но неретко е потребна и дополнителна психолошка поддршка.

Што можеш ти да направиш доколку се справуваш со постковид депресија?

Без разлика дали  е дијагностицирана постковид депресијата или не, потребно е да се превземаат одредени активности кои ќе помогнат во подобрување на менталната состојба на личноста.

Еве неколку совети и препораки што би можеле да преземете:

1. Одржувајте социјални контакти- една од причините за депресивната состојба е и изолацијата дома, па затоа излегувајте почесто со пријателите.

2. Креирајте нови рутини- на пример станувајте и легнувајте во исто време, чутајте книга, јадете посвежа храна.

3. Одржувајте физичка активност- многу истражувања покажале дека физичката активност позитивно влијае врз подобрување на психичката состојба. Пандемијата на КОВИД 19 може да ја опишеме како ‘совршена бура’ на стресори и ризик фактори кои придонесуваат за развој на депресија кај општата популација. Па затоа, доколку препознаете некои од симтомите и знаците кај вас или некој ваш близок, немојте да се двоумите да побарате стручна помош од психијатар и/или психолог.

Горнореспираторни инфекции во Зима

Зимата со себе го носи и ризикот од респираторни инфекции особено горнореспираторните инфекции кои ги заќаат носот, синусите и грлото.

Респираторните инфекции се водечки инфекции во светот во зимниот период. Ладниот и загаден воздух се едни од најчестите причини за појава на респираторни инфекции.

Кога се во прашање респираторни инфекции, во зависност од органите кои се засегнати односно дали се работи за горнореспираторен тракт или долно респираторен тракт инфекциите ги делиме на горно и долно респираторни инфекции.

Денес фокусот ќе го ставиме на горнореспираторни инфекции поради нивната честота и нешто со кое секој човек барем еднаш во текот на зимните месеци од годината се соочува со нив.

Што се горнореспираторни инфекции?

  • Горнореспираторни инфекции се инфекции кои како што веќе напоменавме го зафаќаат горниотреспираторен систем односно носот, синусите и грлото.

Така што водејќи се по ова најчести горнореспираторни инфекции се:

  • Назофарингитис или настинка
  • Епиглотитис
  • Синузитис
  • Ларингитис
  • Фарингитис
  • тонзилитис

Горнореспираторните инфекции се најчесто причинети од вируси или бактерии кои по аерокапков пат стигнуваат до човекот, односно при ракување или комуникација со лице кое е страда од горнореспираторна инфекција аеросолите кои циркулираат во воздухот, се трансферираат до нашите дишни органи и така настанува процесот на контаминација со вирусот или бактеријата.

Имунокомпромитираните пациенти и децата во помала возраст се со поголем ризик од развој на горнореспираторни инфекции во случај на контакт со вирусот или бактеријата кои ги причинуваат истите.

Најчести патогени кои причинуваат горнореспираторни инфекции се: Streptococcus pneumoniae, Haemophilus influenzae и Moraxella catarrhalis, додека водечка причина за тонзилитис и фарингитис е Streptococcus pyogenes.

Овие инфекции се лесно препознатливи за медицинскиот персонал и воглавно поставувањето на дијагнозата за истите се заснова на физикален преглед и лабараториски анализи.

Доколку лекарот се сомнева за прогресија на болеста и зафаќање на долнореспираторните органи се препорачува рендген на бели дробови и микробиолошки анализи на брис од нос,грло и спутум.

Клинички овие инфекции се манифестираат со:

  • кашлица,
  • треска
  • зарипнат глас,
  • малаксаност и општа слабост,
  • зацрвенети очи,
  • секрет од нос ,
  • болно грло
  •  наголемени локални лимфни нодули.

Симптомите на горнореспираторните инфекции воглавно се повлекуваат за една до две недели.

Третманот кај горнореспираторните инфекции се состои од нестероидни антиинфламаторни лекови, одмор и поголем внес на течности, електролити и витамини. Доколку се работи за бактериска инфекција на носот или грлото се препорачуваат пеницилински антибиотски препарати.

За да се спречи појавата на горнореспираторни инфекции најбитна е превенцијата.

Пијте повеќе течности, спијте доволно, избегнувајте контакт со заболени лица, одржувајте хигиена на раце и внесувајте повеќе свежо овошје и зеленчук.

Во случај на влошување на симптомите обратете се до вашиот лекар за понатамошна евалуација и третман на вашата состојба.