Секундарни манифестации и доцни компликации на КОВИД-19
Според сите досегашни сознанија од различни објавени студии, истражувања, статистики, како за примарната акутна КОВИД инфекција, така и за секундарните манифестации кои се водат како компликации нa инфекцијата, неминовно се доаѓа до заклучок дека SARS-CoV-2 инфекцијата e подеднакво опасна за сите органски системи, а не само за респираторните органи, кои беа во преден план на почетокот на пандемијата. Со стивнувањето на огнот кој го предизвика наглиот почеток на светската пандемија, така вниманието се префрла на КОВИД-19 како системска болест која е мултидимензионална и последиците од истата ќе го прогонуваат човекот.
Процентуалната застапеност на системските, вон-пулмонални промени при SARS-CoV-2 инфекција е во значителен пораст со секој одминат ден, а нивната сериозност е далеку од занемарувачка и кон нив треба да се постапи со висока претпазливост поради многу високата заразност на самиот причинител, и да се третираат и следат внимателно поради ризикот да резултираат со трајни последици кон здравјето на пациентот, како и опасноста по живот која доаѓа со нив.
Клиничката презентација на KOВИД-19 многу варира, често со респираторни компликации како главна карактеристика. SARS-CoV-2 е карактеристичен по тоа што голем број пациенти развиваат долгорочни компликации на вирусот. Надвор од првичните извештаи за пациентите кои се чувствуваат „уморни“ со месеци по првичната инфекција, долготрајниот КОВИД-19 се манифестира со широк спектар на компликации и последици од симптоми што може да се појават. Претходни студии покажале голем број на потенцијални доцни компликации можни по инфекција со КОВИД-19; тие вклучуваат фиброза на белите дробови, венски тромбоемболизам (ВТЕ), артериски тромбози, срцева тромбоза и воспаление, мозочен удар, дерматолошки компликации и целокупни дисфункции на расположението. Иако опсегот на овие долгорочни компликации е широк, специфичните атрибути на пациентите се покажаа како предвидливи за тоа кои симптоми ќе ги развијат и колку долго.
Во продолжение презентираме неколку клучни компликации кои можат да се појават, вклучувајќи кардиоваскуларни, хематолошки, пулмонални, дерматолошки, офталмолошки и други повреди.
Респираторни компликации пост прележан КОВИД-19
Иако SARS-CoV-2 може да има широки влијанија низ телото, КОВИД-19 останува претежно респираторно заболување. Има многу одложени белодробни компликации опишани по инфекцијата СОВИД-19. Тие вклучуваат, но не се ограничени на, диспнеа, зависност од вентилатор, зависност од кислород, абнормалности на пулмоналниот функционален тест (ПФТ) и фиброзно белодробно заболување. Најчестиот белодробен симптом пријавен по КОВИД-19 е диспнеа, која опстојува кај 20%-50% од пациентите ~два месеци по почетокот на симптомите. Покрај субјективните симптоми, инфекцијата со SARS-CoV-2 може да резултира со долгорочни објективни промени во пулмоналната физиологија.
Кардиолошки компликации
Срцевите симптоми се честа поплака по излегувањето од болница по прележан КОВИД-19. Повеќе студии тврдат дека болка во градите се јавува кај 15-21% од пациентите 60 дена по излегувањето од болница. Палпитациите исто така се опишани како чест симптом при 60-дневно следење кај дури 10% од пациентите. Надвор од субјективните срцеви симптоми опишани како дел од долгорочните последици од инфекцијата со SARS-CoV-2, има и неколку мерливи забележани исходи. Се следи зголемена инциденца на синдром на постурална тахикардија (POTS) по инфекцијата со SARS-CoV-2, со приближно исти вредности за точната преваленца кај повеќе публикации. Некои од долгорочните кардиоваскуларни ефекти на КОВИД-19 се забележани како последица на акутна инфекција. Во голема студија на млади, здрави, конкурентни спортисти-студенти, миокардитисот е идентификуван кај дури 2,3% од учесниците, при што повеќето од нив биле со субклинички миокардитис, откриен со срцева магнетна резонанца. Клиничката важност на овој наод е особено голема знаејќи дека слични студии за други респираторни заболувања не се пријавени, но се чини дека сугерира дека срцевите ефекти од инфекцијата со SARS-CoV-2 може да бидат со продолжено времетраење. Подеднакво важни се и публикациите кои покажуваат дека акутната фаза на КОВИД-19 е поврзана со високи стапки на абнормални наоди на ехокардиографија. Иако податоците за ехокардиографските наоди не се базирани на долгорочно следење, компликациите забележани во акутната состојба мора да се земат во предвид при долготрајната нега на овие пациенти.
Секој пациент со позната кардиоваскуларна компликација на акутната инфекција и оние кои продолжуваат да развиваат кардиоваскуларни тегоби во доцната фаза, неколку недели до месеци по акутната инфекција, на болеста треба да бидат упатени за евалуација од страна на супспецијалист по кардиологија. Евалуацијата на пациентот треба да вклучува сеопфатна проценка со анамнеза и физички преглед и ЕКГ, со внимателно следење на срцеви биомаркери и кардиоваскуларна слика како што налага секое клиничко сценарио.
Хематолошки промени/компликации
Акутниот КОВИД-19 е поврзан со зголемен ризик од тромботични настани, особено кај критично болни пациенти. Етиологијата на оваа коагулопатија е мултифакторна, вклучувајќи микроваскуларна дисфункција и зголемена експресија на ткивните фактори како одговор на воспалителни цитокини, како и ефектите на хипоксија врз регулацијата на факторите на транскрипција индуцирани од хипоксија. Според податоци добиени од студии спроведени во повеќе земји на различни континенти, се следи висока стапка на живото-загрозувачки тромботични компликации, како кај пациенти третирани на оддел за интензивно лекување, така и кај пациенти кои имале полесна клиничка презентација на КОВИД-19. Исто така, пациенти со постоечки хематолошки пореметувања се соочиле со посериозни компликации пост КОВИД-19 инфекција и покрај примање на терапија која била ефективна пред контактот со SARS-Cov-2.
Дерматолошки промени/компликации
Од пријавените кожни манифестации на инфекција со КОВИД-19, колективен заклучок е дека се следи широка палета на кожени промени документирана кај пост-КОВИД пациенти. Макулопапуларна егзантема (морбилиформна) се евидентира како најчеста кожна манифестација на КОВИД-19, проследена со папулозен осип, уртикарија и болни црвени акрални виолетови папули, при што една четвртина од овие манифестации се во рацете и стапалата. Подеднакво важно е да се напомене дека голем број на студии го споменуваат и губитокот на коса како честа појава по еден до шест месеци пост прележан КОВИД-19, промени кои сепак се покажале како реверзибилни со примена на соодветен третман.
Иако точните механизми за многу од овие симптоми се непознати и веројатно се должат на истите механизми одговорни за други одложени симптоми на КOВИД-19.
Офталмолошки последици пост-КОВИД-19
Студии кои го имаа својот фокус на офталмолошките манифестации во склоп на КОВИД-19 инфекција докажаа дека очните промени се релативно чести симптоми, било во склоп на мултисимптиматска клиничка презентација или пак КОВИД конјуктивит се пројавува како единстена промена при инфекција со SARS-CoV-2. Треба да се потенцира дека ваквите окуларни манифестации на КОВИД инфекции се застапени кај медицинските работници поради изложеноста на очите како единствена влезна врата за вирусот, имајќи во предвид дека носот и устата се заштитени со носењето на маска.
Промените кои се забележани по прележана КОВИД инфекција, попрецивно во првите 12 недели по потвреден контакт со вирусот, состојба која е означена како долг КОВИД, ги вклучуваат фоликуларен конјуктивитис, субконјуктивални хеморагии, црвенило и суви очи.