Рани и нивно лекување
Рана претставува надворешен или внатрешен прекин на телесното ткиво, односно губење на континуитетот на кожниот епител, со или без губење на основното сврзно ткиво (т.е мускули, нерви,коски). Описот на раната може да биде претставен на повеќе начини: по методот на нејзиното настанување, според нејзината природа (потекло), анатомската локација, според патолошките симптоми, односно поради појавата на доминантните ткива во самата рана.
Сите дефиниции служат како критична цел во проценката и соодветното менаџирање на раната, се до разрешување на симптомите или целосно заздравување, што е главна цел на медицинско-хируршкиот пристап. Заздравување на рана означува обнова на оштетеното ткиво со формирање на сврзно ткиво и повторно растење на епителот.
1. Според методот на настанување, постојат 4 основни типови на рани:
● Абразија = рана која настанува по контакт на кожата со груба или тврда површина, не е длабока, раскинот на ткивото може да биде со или без крварење. Може да настане по пад, како гребаница или по удар со предмет. Најчесто се третира со антисептичен/антибактериски пристап.
● Лацерација = рана која настанува со подлабок рез или кинење на кожата, најчесто придружена со крварење кое може да биде брзо и екстензивно. Настанува по несреќи со остри предмети, машини или алати. Најчесто се третира со антисептичен/антибактериски и хируршки пристап.
● Пункција = рана која настанала како резултат на прободување на кожата со шилест предмет. Настанува најчесто со убод од игли, шајки и други остри сечила. Овој тип на рана може, но и не мора да биде придружен со крварење, но обично се работи за длабок тип на рана, со која се оштетуваат и внатрешните ткива. Најчесто се третира хируршки, понекогаш се прима и вакцина против Тетанус како дополнителна заштитна мерка.
● Авулзија = рана која настанува со делумно или целосно кинење на кожата со ошттување на околните ткива. Овој тип на рана најчесто настанува како резултат на несреќи, експлозии, истрели од огнено оружје. Раната е придружена со обилно и брзо крварење. Овој тип на рана се третира хируршки, обично подолг временски период.
Кога да посетите доктор?
• кога раната е подлабока од 2-3см
• кога раната крвари повеќе од 20 минути
• кога крварењето од раната не престанува по директен притисок врз истата
• кога крварењето од раната настапило после повреда од сериозно потекло.
2.Според природата на настанување, раните се класифицираат како акутни и хронични.
● Акутна рана се дефинира како повреда на кожа по пат на инцизија или траума и заздравува уредно и навремено. Во акутни рани спаѓаат сите типови и подвидови на гореспоменатите рани и повреди (механички, хируршки, изгореници итн.) кои по одреден временски период од нивното третирање, спонтано заздравуваат.
● Хронична рана се дефинира како повреда на кожа која не успева да помине низ нормалните фази на зараснување на раната на уреден и навремен начин. Овие рани се јавуваат како резултат на недостаток на нормални клетки, кои често се дисфункционални поради патолошкото однесување на кожното ткиво. Ваквите рани потешко зараснуваат и нивното третирање трае долг временски период и нивниот третман скоро секогаш е хируршки. Хроничните рани понатаму може да се класифицираат како васкуларни улцери (венски и артериски), дијабетски улцери, компресивни улцери, декубитални улцери и гангренозни улцери.
◊ Васкуларни улцери се рани на кожата кои натануваат како резултат на проблеми со крвната циркулација. Најчест тип на васкуларен улцер е венскиот улцер, кој настанува како резултат на нарушување на нормалната морфологија на вените, особено во подколениците. Најчесто настануваат како последица од варикозни вени или инфламација на површинскиот и длабокиот венски систем. Се третираат најчесто со антисптични и топикални медикаменти во рана фаза на настанување.
◊ Дијабетските улцери (попознато како дијабетско стапало) се рани кои настануваат како директна последица кај пациентите со дијабет. Овие рани се јавуваат како резултат на распаѓање на кожата и ткивата на стапалата и глуждовите. Главните симптоми се оток, болки, црвенило и печење. Ова е доста сериозна рана која мора навремено хируршки да се третира, бидејќи е подложна на чести инфекции и инфламации, која може да доведе до целосно отстранување на стапалото.
◊ Декубиталните улцери се рани кои настануваат како резултат на постојан притисок или триење на област од телото, кое доведува до оштетување на кожата. Најчесто настануваат на лакти, коленици, глуждови, лумбален дел на рбет т.е делови од телото кои подолго време се неподвижни. Се третираат медикаментозно или хируршки поради зголемен ризик од инфекции.
◊ Гангренозни улцери се рани кои настануваат како последица на нарушување на крвните садови и ткивото, кои се веќе инфицирани со бактериски / габичен / паразитарен причинител. Може да настапат после трауматска повреда, првична инфекција на околното ткиво или да се јават како резултат на хронично заболување. Ваквите рани се сериозна закана за здравјето на пациентите и освен хируршки, мора да се третираат и со соодветни антибиотици / антифунгални / антипаразитарни лекови.
Кога да посетите доктор?
• кога раната е придружена со силна болка
• кога раната крвари, гнои или мириса непријатно
• кога после дадената терапија на одредена рана нема подобрување
• кога има нагла промена во колорација (боја) на рана
3. Според анатомската локација, раните можат да настанат насекаде на телото. При тоа треба да се разликува рана која настанала на или околу витален орган, за да се избегне понатамошно оштетување на кожата. При секое подлабоко нарушување на континуитетот на кожата, соодветно е да се побара медицинска нега.
4. Патолошко настанатите рани се должат на резултат на оштетување на кожа, каде клетките се изложени на промени на молекуларно ниво (јонизирачки, ултравиолетови зрачења, канцерогени промени итн.). Пристапот и третманот кон ваквиот тип на рани зависи од локализацијата, видот на оштетувањето и општата состојба на пациентите. Примарно, ваквите рани бараат сериозен третман на терциерно здравствено ниво.
Здравата кожа е есенциелна за нормално функционирање на човековиот систем. Кожата е најголемиот орган на телото, кој секојдневно не штити од несаканите надворешни влијанија. Виталноста и заштитата на кожата е особено важна во спротивставување на процесот на стареење и избегнување на веројатна болест.