
ХИВ Енцефалитис, една од најтешките форми на ХИВ објаснува Д-р Елеонора Лазарова од Никоб Медикал
ХИВ е вирус кој предизвикува хумана имунодефициенција. Присуството на ХИВ вирусот во човечкиот организам доведува до уништување на одбрамбената способност (имунитетот), поради што организмот станува неспособен да се брани од различни болести и инфекции.

ПАТОФИЗИОЛОГИЈА
Инфекција со вирусот на хуман имунодефицит настанува како резултат на инфекција од два сродни ретровируси (ХИВ-1 и ХИВ-2) кои ги напаѓаат CD4+ Т-лимфоцитите и предизвикуваат нивна некроза. Како резултат на тоа, доаѓа до опаѓање на имунитетот, што предизивикува зголемена склоност кон опортунистички инфекции со бактерии, вируси и габи. Ризикот од развивање на болеста, како и клиничките манифестации зависи од бројот на CD4+ Т-лимфоцити во крвта. При многу низок број на овие клетки, се развива СИДА (SIDA=Syndrome d’immunodeficience acquise) што всушност претставува клиничка енцефалопатијата која настанува како резултат на тропизам на ХИВ вирусот кон нервните клетки, а се случува при исклучително низок број на CD4+ Т-лимфоцити.
Најчести симптоми се губење на телесна тежина, потење, замор и малаксалост, модринки по тело, исип, отечени лимфни жлезди, грозница. Често се манифестира и со појава на инфекции на белите дробови, појава на туберкулоза или малигни заболувања.
Како се пренесува ХИВ вирусот?
- Преку крв и крвни продукти заразени со вирусот
- Користење на претходно употребени игли, шприцеви и др. прибор за инјектирање на дрога или лекови, или употреба на нестерилни медицински инструменти
- Трансфузија на крв или крвни продукти
- Употреба на нестерилни инструменти за тетоважа и пирсинг на телото
- Користење на туѓ прибор за лична хигиена (четка за заби, брич, чепкалки или конец за заби)
- Медицинска интервенција без соодветна заштита (ракавици, очила)
- Сексуален контакт без заштита (кондом), анален сексуален однос, вагинален сексуален однос и орален сексуален однос.
- Пренесување на болеста од ХИВ позитивна мајка на дете за време на бременоста, породувањето и во текот на доењето.
- Со ХИВ може да се инфицира секој – без разлика на пол, возраст, сексуална ориентација, национална, верска припадност, ниво на образование и др.!!!
ХИВ не може да се пренесе: со гушкање, ракување, бакнување (ако заразениот нема ранички во устата), кашлање и кивање; со користење на јавни говорници, јавни тоалети, базени; со дружење, спортување и работење со ХИВ инфицирано лице; преку облека, храна подготвена од ХИВ инфицирано лице; преку комарци и други инсекти.
Една од најтешките форми на вирусот која го напаѓа мозокот – ХИВ ЕНЦЕФАЛИТИС.
ХИВ ЕНЦЕФАЛИТИС
Претставува болест која се манифестира со оштетување на централниот нервен систем. Тоа е синдром кој се манифестира со дегенерација, пропаѓање на меморијата и когнитивните способности, промени во однесувањето и губење на моторни способности. Обично се случува во крајните стадиуми на СИДА, кога имаме изразен дефицит на имуитетот. Нервните клетки инфицирани со ХИВ лачат невротоксини кои предизвикуваат некроза на соседните клетки и активација на макрофаги и глија клетки. Пациентите најчесто имаат промени во однесувањето, како апатија, летаргија, дизартрија, атаксија, губење на фини моторни движења. Може да настане и ХИВ-деменција, каде пациентите имаат изразено губење на помнењето.
MЕРКИ ЗА ЗАШТИТА
- Користење на заштита при сексуални односи ( само кондом штити од сексуално-преносливи болести).
- Ограничување на бројот на партнери.
- Употреба на игли за еднократна употреба и безбедна апликација на инјекции.
- Дезинфекција и миење на рацете пред и по интервенција.
- Употреба на лични заштитни средства ( ракавици, маски, заштитни мантили)
- Правилно ракување со контаминирани остри предмети, дезинфекција и стерилизизација и правилна диспозиција на медицински отпад во соодветни контејнери.
ЗАКЛУЧОК
Сеуште живееме во општество каде постојат големи предрасуди и не информираност за начини на пренесување на вирусот. Со чести едукации и со соодветно здравствено воспитување сметам дека може да се подигне свеста на луѓето и помладата популација. Само на тој начин, луѓето кои што се заболени ќе се чувствуваат не дискриминирано, сакано и поддржано. Но, да не ја заборавиме превенцијата која е најзначајна кај инфекцијата со ХИВ вирусот и ефикасните мерки на јавното здравство, во комбинација со антиретровирусната терапија треба да бидат стожери на борбата против СИДА- та.
Д-р Елеонора Лазарова
Доктор на медицина
Специјализант по неврологија