Рани и нивно лекување

Рана претставува надворешен или внатрешен прекин на телесното ткиво, односно губење на континуитетот на кожниот епител, со или без губење на основното сврзно ткиво (т.е мускули, нерви,коски).  Описот на раната може да биде претставен на повеќе начини: по методот на нејзиното настанување, според нејзината природа (потекло), анатомската локација, според патолошките симптоми, односно поради појавата на доминантните ткива во самата рана.

Сите дефиниции служат како критична цел во проценката и соодветното менаџирање на раната, се до разрешување на симптомите или целосно заздравување, што е главна цел на медицинско-хируршкиот пристап. Заздравување на рана означува обнова на оштетеното ткиво со формирање на сврзно ткиво и повторно растење на епителот.

1. Според методот на настанување, постојат 4 основни типови на рани:

     ● Абразија = рана која настанува по контакт на кожата со груба или тврда површина, не е длабока, раскинот на ткивото може да биде со или без крварење. Може да настане по пад, како гребаница или по удар со предмет. Најчесто се третира со антисептичен/антибактериски пристап.

     ● Лацерација = рана која настанува со подлабок рез или кинење на кожата, најчесто придружена со крварење кое може да биде брзо и екстензивно. Настанува по несреќи со остри предмети, машини или алати. Најчесто се третира со антисептичен/антибактериски и хируршки пристап.

     ● Пункција = рана која настанала како резултат на прободување на кожата со шилест предмет. Настанува најчесто со убод од игли, шајки и други остри сечила. Овој тип на рана може, но и не мора да биде придружен со крварење, но обично се работи за длабок тип на рана, со која се оштетуваат и внатрешните ткива. Најчесто се третира хируршки, понекогаш се прима и вакцина против Тетанус како дополнителна заштитна мерка.

     ● Авулзија = рана која настанува со делумно или целосно кинење на кожата со ошттување на околните ткива. Овој тип на рана најчесто настанува како резултат на несреќи, експлозии, истрели од огнено оружје. Раната е придружена со обилно и брзо крварење. Овој тип на рана се третира хируршки, обично подолг временски период.

Кога да посетите доктор?

кога раната е подлабока од 2-3см

• кога раната крвари повеќе од 20 минути

• кога крварењето од раната не престанува по директен притисок врз истата

• кога крварењето од раната настапило после повреда од сериозно потекло.

2.Според природата на настанување, раните се класифицираат како акутни и хронични.

     ● Акутна рана се дефинира како повреда на кожа по пат на инцизија или траума и заздравува уредно и навремено. Во акутни рани спаѓаат сите типови и подвидови на гореспоменатите рани и повреди (механички, хируршки, изгореници итн.) кои по одреден временски период од нивното третирање, спонтано заздравуваат.

    ● Хронична рана се дефинира како повреда на кожа која не успева да помине низ нормалните фази на зараснување на раната на уреден и навремен начин. Овие рани се јавуваат како резултат на недостаток на нормални клетки, кои често се дисфункционални поради патолошкото однесување на кожното ткиво. Ваквите рани потешко зараснуваат и нивното третирање трае долг временски период и нивниот третман скоро секогаш е хируршки. Хроничните рани понатаму може да се класифицираат како васкуларни улцери (венски и артериски), дијабетски улцери, компресивни улцери, декубитални улцери и гангренозни улцери.

   ◊ Васкуларни улцери се рани на кожата кои натануваат како резултат на проблеми со крвната циркулација. Најчест тип на васкуларен улцер е венскиот улцер, кој настанува како резултат на нарушување на нормалната морфологија на вените, особено во подколениците. Најчесто настануваат како последица од варикозни вени или  инфламација на површинскиот и длабокиот венски систем. Се третираат најчесто со антисптични и топикални медикаменти во рана фаза на настанување.

   ◊ Дијабетските улцери (попознато како дијабетско стапало) се рани кои настануваат како директна последица кај пациентите со дијабет.  Овие рани се јавуваат како резултат на распаѓање на кожата и ткивата на стапалата и глуждовите. Главните симптоми се оток, болки, црвенило и печење. Ова е доста сериозна рана која мора навремено хируршки да се третира, бидејќи е подложна на чести инфекции и инфламации, која може да доведе до целосно отстранување на стапалото.

   ◊ Декубиталните улцери се рани кои настануваат како резултат на постојан притисок или триење на област од телото, кое доведува до оштетување на кожата. Најчесто настануваат на лакти, коленици, глуждови, лумбален дел на рбет т.е делови од телото кои подолго време се неподвижни. Се третираат медикаментозно или хируршки поради зголемен ризик од инфекции.

   ◊ Гангренозни улцери се рани кои настануваат како последица на нарушување на крвните садови и ткивото, кои се веќе инфицирани со бактериски / габичен / паразитарен причинител. Може да настапат после трауматска повреда, првична инфекција на околното ткиво или да се јават како резултат на хронично заболување. Ваквите рани се сериозна закана за здравјето на пациентите и освен хируршки, мора да се третираат и со соодветни антибиотици / антифунгални / антипаразитарни лекови.

Кога да посетите доктор?

кога раната е придружена со силна болка

• кога раната крвари, гнои или мириса непријатно

• кога после дадената терапија на одредена рана нема подобрување

• кога има нагла промена во колорација (боја) на рана

3. Според анатомската локација, раните можат да настанат насекаде на телото. При тоа треба да се разликува рана која настанала на или околу витален орган, за да се избегне понатамошно оштетување на кожата. При секое подлабоко нарушување на континуитетот на кожата, соодветно е да се побара медицинска нега.

4. Патолошко настанатите рани се должат на резултат на оштетување на кожа, каде клетките се изложени на промени на молекуларно ниво (јонизирачки, ултравиолетови зрачења, канцерогени промени итн.). Пристапот и третманот кон ваквиот тип на рани зависи од локализацијата, видот на оштетувањето и општата состојба на пациентите. Примарно, ваквите рани бараат сериозен третман на терциерно здравствено ниво.

Здравата кожа е есенциелна за нормално функционирање на човековиот систем. Кожата е најголемиот орган на телото, кој секојдневно не штити од несаканите надворешни влијанија. Виталноста и заштитата на кожата е особено важна во спротивставување на процесот на стареење и избегнување на веројатна болест.

ХИВ Енцефалитис, една од најтешките форми на ХИВ објаснува Д-р Елеонора Лазарова од Никоб Медикал

ХИВ е вирус кој предизвикува хумана имунодефициенција. Присуството на ХИВ вирусот во човечкиот организам доведува до уништување на одбрамбената способност (имунитетот), поради што организмот станува неспособен да се брани од различни болести и инфекции.

ПАТОФИЗИОЛОГИЈА

Инфекција со вирусот на хуман имунодефицит настанува како резултат на инфекција од два сродни ретровируси (ХИВ-1 и ХИВ-2) кои ги напаѓаат CD4+ Т-лимфоцитите и предизвикуваат нивна некроза. Како резултат на тоа, доаѓа до опаѓање на имунитетот, што предизивикува зголемена склоност кон опортунистички инфекции со бактерии, вируси и габи. Ризикот од развивање на болеста, како и клиничките манифестации зависи од бројот на CD4+ Т-лимфоцити во крвта. При многу низок број на овие клетки, се развива СИДА (SIDA=Syndrome dimmunodeficience acquise)  што всушност претставува клиничка енцефалопатијата која настанува како резултат на тропизам на ХИВ вирусот кон нервните клетки, а се случува при исклучително низок број на CD4+ Т-лимфоцити.

Најчести симптоми се губење на телесна тежина, потење, замор и малаксалост, модринки по тело, исип, отечени лимфни жлезди, грозница. Често се манифестира и со појава на инфекции на белите дробови, појава на туберкулоза или малигни заболувања.

Како се пренесува ХИВ вирусот?

  • Преку крв и крвни продукти заразени со вирусот
  • Користење на претходно употребени игли, шприцеви и др. прибор за инјектирање на дрога или лекови, или употреба на нестерилни медицински инструменти
  •  Трансфузија на крв или крвни продукти
  •  Употреба на нестерилни инструменти за тетоважа и пирсинг на телото
  •  Користење на туѓ прибор за лична хигиена (четка за заби, брич, чепкалки или конец за заби)
  •  Медицинска интервенција без соодветна заштита (ракавици, очила)
  •  Сексуален контакт без заштита (кондом), анален сексуален однос, вагинален сексуален однос и орален сексуален однос.
  • Пренесување на болеста од ХИВ позитивна мајка на дете за време на бременоста, породувањето и во текот на доењето.
  • Со ХИВ може да се инфицира секој – без разлика на пол, возраст, сексуална ориентација, национална, верска припадност, ниво на образование и др.!!!

ХИВ не може да се пренесе: со гушкање, ракување, бакнување (ако заразениот нема ранички во устата), кашлање и кивање; со користење на јавни говорници, јавни тоалети, базени; со дружење, спортување и работење со ХИВ инфицирано лице; преку облека, храна подготвена од ХИВ инфицирано лице; преку комарци и други инсекти.

Една од најтешките форми на вирусот која го напаѓа мозокот – ХИВ ЕНЦЕФАЛИТИС.

ХИВ ЕНЦЕФАЛИТИС

Претставува болест која се манифестира со оштетување на централниот нервен систем. Тоа е синдром кој се манифестира со дегенерација, пропаѓање на меморијата и когнитивните способности, промени во однесувањето и губење на моторни способности. Обично се случува во крајните стадиуми на СИДА, кога имаме изразен дефицит на имуитетот. Нервните клетки инфицирани со ХИВ лачат невротоксини кои предизвикуваат некроза на соседните клетки и активација на макрофаги и глија клетки. Пациентите најчесто имаат промени во однесувањето, како апатија, летаргија, дизартрија, атаксија, губење на фини моторни движења. Може да настане и ХИВ-деменција, каде пациентите имаат изразено губење на помнењето.

MЕРКИ ЗА ЗАШТИТА

  1. Користење на заштита при сексуални односи ( само кондом штити од сексуално-преносливи болести).
  2. Ограничување на бројот на партнери.
  3. Употреба на игли за еднократна употреба и безбедна апликација на инјекции.
  4. Дезинфекција и миење на рацете пред и по интервенција.
  5. Употреба на лични заштитни средства ( ракавици, маски, заштитни мантили)
  6. Правилно ракување со контаминирани остри предмети, дезинфекција и стерилизизација и правилна диспозиција на медицински отпад во соодветни контејнери.

ЗАКЛУЧОК

Сеуште живееме во општество каде постојат големи предрасуди и не информираност за начини на пренесување на вирусот. Со чести едукации и со соодветно здравствено воспитување сметам дека може да се подигне свеста на луѓето и помладата популација. Само на тој начин, луѓето кои што се заболени ќе се чувствуваат не дискриминирано, сакано и поддржано. Но, да не ја заборавиме превенцијата која е најзначајна кај инфекцијата со ХИВ вирусот и ефикасните мерки на јавното здравство, во комбинација со антиретровирусната терапија треба да бидат стожери на борбата против СИДА- та.

Д-р Елеонора Лазарова

Доктор на медицина

Специјализант по неврологија